Минималната плата од 600 евра пред пратениците – почнува собраниската расправа
Прашањето за зголемување на минималната плата повторно се отвора во законодавниот дом. Предлог-измените на Законот за минимална плата денеска влегуваат во собраниска процедура и ќе бидат разгледувани во прво читање.
Предлог-законот ќе се најде на дневен ред на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, каде пратениците ќе дебатираат за предложеното покачување на најнискиот износ на плата во државата.
Овластен предлагач е претседателот на Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, а меѓу предлагачите се и пратениците Бисера Костадиновска Стојчевска, Благој Бочварски, Борче Цветков, Горан Мисовски, Даниела Николова, Димитар Ковачевски, Јован Митрески, Јованка Тренчевска, Љупчо Николовски, Миле Талевски, Митко Трајчулески, Моника Зајкова, Оливер Спасовски, Сања Лукаревска, Славјанка Петровска, Соња Мираковска и Фатмир Битиќи.
Со предложените измени се предвидува минималната плата да се утврди на 600 евра.
Идентичниот текст на предлог-законот ќе биде разгледан и од Законодавно-правната комисија, каде што ќе се оценува неговата усогласеност со правниот систем пред понатамошната собраниска постапка.
