Тоневски: Пробиштип вложува над 5 милиони денари во училишна инфраструктура
Во тек е значајна инвестиција во подобрување на условите за спорт и физичко образование во ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип, информира градоначалникот Тони Тоневски.
Со реконструкцијата на подот во спортската сала се создава современ, безбеден и функционален простор, кој ќе овозможи квалитетно одвивање на наставата и спортските активности за учениците.
Проектот опфаќа целосна замена на постојниот, дотраен под со нова современа подлога, санација и подобрување на хидрантската мрежа со цел зголемување на безбедноста, како и санација на системот за вентилација, со што ќе се обезбедат подобри услови во салата.
Изведувач на градежните активности е компанијата ИБО ПОД ДООЕЛ од Прилеп, додека финансиските средства во висина од 5.343.270 денари се обезбедени од Министерството за образование и наука.
Според Тоневски, оваа инвестиција ќе донесе подобри и побезбедни услови за учениците, поквалитетна настава по физичко образование и дополнителен поттик за спортските активности и здравиот развој на младите.
Тој нагласи дека Општина Пробиштип ќе продолжи со вложувања во образованието и спортската инфраструктура, со цел создавање современи услови за учење, развој и успех на учениците.
