Божиновска од Прилеп: Јасни правила и еднакви услови за сите компании
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со концесионери од прилепскиот регион, на која се разговараше за инвестициите, предизвиците со кои се соочува секторот, како и за одговорноста кон државата, животната средина и граѓаните.
Божиновска потенцираше дека економскиот развој е неопходен, но мора да се одвива согласно јасни правила што важат за сите.
„Пораката е јасна – развој, да, но со почитување на стандардите. Компаниите што вложуваат и работат согласно прописите се наши партнери во развојот“, истакна министерката.
Таа најави засилено присуство на државата на терен, преку унапредување на инспекциските контроли, со цел да се обезбедат фер услови за сите учесници на пазарот.
Во таа насока, Божиновска најави дека наскоро ќе биде отворена канцеларија на Инспекторатот во Прилеп, што ќе овозможи поголем увид, подобра контрола и зголемена доверба кај граѓаните и компаниите.
„Дијалогот со индустријата продолжува, затоа што само со јасни правила и взаемна одговорност можеме да градиме стабилен и одржлив сектор“, нагласи Божиновска.
Министерката додаде дека Владата останува посветена на градење економија што создава вредност, но и на обезбедување придобивки кои граѓаните реално ќе ги почувствуваат.
