ТРОЈКИТЕ ОД ВЛАДА СЕ СЕЛАТ ВО ЗАТВОР: Груби добива нов кош, овојпат зад решетки и со нов тим на кошаркари
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерството за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22 од КЗ“, информираа од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Според неофицијални коментари на социјалните мрежи, ако нешто сигурно нема да му недостига во притвор, тоа е спортската активност. Се шегуваат дека колегите притвореници веќе подготвуваат топка за баскет – сепак, човекот додека беше министер знаеше среде Влада да фрли по некоја тројка, па ред е, велат, да не му се прекине формата. Очигледно, кошарката останува единствената игра во која сите се надеваат дека правилата ќе важат подеднакво за сите.
