Проданоски: Прилеп повторно достоен домаќин на меѓународен карневал

Македонија

Прилеп во изминатите два дена беше во знакот на традицијата, радоста и заедништвото, одбележувајќи значаен двоен јубилеј – 25 години од Карневалот „Прочка“ и 100 години од „Прилепски мечкари“. Градоначалникот Дејан Проданоски истакна дека градот пулсирал во карневалски ритам, обединет околу вековната традиција која се пренесува од генерација на генерација.

„Прилеп живееше во овие два карневалски денови, со детското дефиле и централната карневалска поворка. Ова не е само манифестација, туку идентитет и култура што ја негуваме со гордост“, порача Проданоски.

 

Тој нагласи дека годинава карневалот повторно го добил својот меѓународен карактер, со учество на бројни гости од земјата и Европа, меѓу кои и претседателот на Федерацијата на европски карневалски градови, Ларс Алгел. Според него, тоа е доказ дека Прилеп е достоен домаќин на значајни културни настани.

Градоначалникот посебно ја истакна симболиката на „Прилепски мечкари“, кои претставуваат нематеријално културно наследство и белег на истрајноста и автентичноста на прилепчани.

Во рамки на карневалот беа доделени и награди за најдобрите маски. Гран при наградата ја освои „Весела фарма“ од ООУ „Добре Јованоски“. Во детската конкуренција првото место го освои маската „Од цветот на знаењето се раѓа медот на успехот“ од ООУ „Кочо Рацин“, второто „Шах-Мат“ од ООУ „Рампо Левката“, а третото „Јинг Јанг“ од ООУ „Кире Гаврилоски Јане“.

Во категоријата возрасни групни маски, најдобра беше „Пепелашка на карневал“ од Зодијак, пред „Прилепска златна кралица“ од СОУ „Ѓорче Петров“ и „Врховниот совет на смарагдите“ од Здружение за развој и едукација. Кај поединечните маски, наградата за детска маска ја доби „Gothic girl“ од Мидеа, додека кај возрасните најдобра беше „Puxelstar“ од Мила Спиркоска.

Проданоски упати благодарност до сите учесници, институции, волонтери и граѓани кои придонеле за успешната организација, потенцирајќи дека ова е заеднички успех на целиот град.

„Прилеп овие денови живееше со насмевка, традиција и гордост“, порача градоначалникот.