Божиновска со порака за Прочка: Да отвориме ново поглавје со простување
По повод празникот Прочка, Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, упати порака за простување, искреност и лична одговорност.
„Прочка не е ден само симболично да се изговори ‘прости’. Ова е ден кога човек застанува пред себе — тивко, искрено и без оправдувања“, наведува Божиновска.
Таа истакнува дека овој ден не треба да се мери според тоа што ни направиле другите, туку според нашето однесување и нашата подготвеност да покажеме разбирање и човечност.
„Дали сме слушале доволно? Дали сме биле праведни кога било најпотребно? Дали сме пропуштиле да покажеме разбирање таму каде што можело да има повеќе човечност?“, прашува Божиновска.
Според неа, Прочка потсетува дека вистинската сила не е во тоа секогаш да бидеме во право, туку во способноста да препознаеме каде можеме да бидеме подобри како луѓе, колеги и општество.
„Само кога искрено ќе погледнеме во себе, можеме да чекориме напред со повеќе почит, повеќе доверба и повеќе одговорност еден кон друг. Нека денешниот празник биде потсетник дека вистинските промени секогаш започнуваат одвнатре“, порачува Божиновска.
