100 години „Прилепски Мечкари“ – традицијата ја продолжуваат новите генерации
Прилеп годинава одбележува два значајни јубилеа поврзани со празникот Прочка – 25 години од одржувањето на Меѓународниот карневал Прочка и големиот јубилеј, 100 години од постоењето на здружението „Прилепски Мечкари“.
Здружението „Прилепски Мечкари“, кое е меѓу главните иницијатори и организатори на карневалот, претставува едно од најпрепознатливите културни обележја на градот. Неговата традиција се негува веќе еден век, пренесувајќи се од генерација на генерација.
Во разговор со Методија Анастасоски, член на здружението, беше истакнато дека интересот кај младите за приклучување кон „Прилепските Мечкари“ постојано расте, што е показател дека оваа уникатна традиција има иднина.
„Гордост е да се биде дел од ‘Прилепските Мечкари’, особено во година кога одбележуваме 100 години постоење. Сè повеќе млади сакаат да ја продолжат традицијата и тоа ни дава надеж дека ова културно наследство ќе се зачува“, посочи Анастасоски.
Тој нагласи дека Прочка и карневалот не се само празник, туку и силен симбол на идентитетот и културното богатство на Прилеп, кој привлекува посетители од земјата и странство.
Од здружението порачуваат дека ќе продолжат со напорите за зачувување и унапредување на оваа традиција, со цел таа да остане жив дел од македонското културно наследство и во иднина.
