Правната основа на предметот „Пулс“ е спорна, велат поранешни министри и професори

Македонија

Во емисијата „24 Анализа“ на ТВ24, поранешниот министер за правда Туше Гошев, професорот Гордан Калајџиев и Дарко Аврамовски од коалицијата „Сите за правично судење“ изнесоа сериозни критики за начинот на кој се водат судските постапки поврзани со трагедијата „Пулс“, со фокус на издржаноста на обвинителниот акт и пошироките институционални слабости.

Дарко Аврамовски нагласи дека проблемот не е само во законите, туку и во нивната примена. Тој оцени дека институциите често не нудат доволно аргументирани образложенија за своите одлуки, што дополнително ја намалува довербата во постапките, особено во чувствителни предмети. Аврамовски се осврна и на честите измени на Кривичниот законик, посочувајќи дека во краток временски период биле донесени повеќе верзии на законски решенија за истите кривични дела. Според него, таквата пракса создава правна несигурност и отвора сомнежи дека законите се менуваат под конкретни околности, наместо како дел од стабилна и предвидлива правна политика. Овие измени, според дел од ставовите, директно се одразуваат и врз предметите поврзани со „Пулс“, особено во делот на квалификацијата на делата и казнената политика.

Професорот Гордан Калајџиев директно ја доведе во прашање издржаноста на обвинението. „…еве сега со Кочани тоа обвинение нормално не треба да помине и сега го пуштате вие тој случај којшто ќе чини еден куп пари… Тоа е погубно за еден куп семејства“, рече тој, укажувајќи дека слаб обвинителен акт може да предизвика дополнителни последици и разочарувања.

Туше Гошев отиде чекор понатаму, оценувајќи дека правната основа на предметот е спорна. „Водењето на спорот или на кривичниот предмет во Кочани за мене е бесмислен предмет… според член 25 од Кривичниот законик, кривичната одговорност е субјективна“, изјави тој, посочувајќи дека секој обвинет мора да има индивидуализирана вина. Во таа насока, тој го проблематизираше и концептот на соизвршителство во конкретниот случај: „Доколку станува збор за соизвршители како сите што ги судат таму – 37 луѓе – прашувам сега која е нивната умисла заедничка да го направат тоа дело кога тие луѓе никогаш не биле заедно“.

Покрај конкретниот предмет, Гошев зборуваше и за состојбите во судството воопшто, посочувајќи дека непотизмот е сериозен проблем. „Кај нас е толку развиен непотизмот… веќе не може да се состави совет за водење на кривична постапка во Кочани заради роднини судии и адвокати“, изјави тој, алудирајќи на системски слабости што влијаат врз непристрасноста.