По 10 години пауза, дувачкиот оркестар на Прилеп повторно ќе настапува

Македонија

По пауза од 10 години, Градскиот дувачки оркестар во Прилеп повторно е во функција. Составен е од околу 15 членови, сите млади и музички образовани, кои се горди што градот повторно ќе има оркестар со кој ќе се пофали на бројните културни манифестации. Дел од нив претходно настапувале и во составот кој згаснал во 2015 година.

„Нашите почетоци беа во оркестарот, настапувавме на многу концерти, вклучувајќи го и јубилејот од 50 години. По замрзнувањето на оркестарот, иницијативата за негово обновување дојде од повеќе музичари од градот, вклучително и поранешни членови“, велат од оркестарот.

Своето деби повторно ќе го имаат на дефилето за време на Карневалот Прочка на 22 февруари. Во моментов подготвуваат маршеви и композиции кои ги свират светски познати оркестри. Оркестарот ќе настапува на државни празници, културни настани и дефилеи, со цел да ја одржува музичката традиција и културниот живот во градот.

 

Според историските записи, Прилеп имал Градски дувачки оркестар уште во 1909 година, а со текот на годините бројката на оркестри стигнала до три големи состави, кои подоцна се здружиле во еден.

Во иднина, дувачкиот оркестар ќе се користи и како камерен состав, вклучувајќи тематски вечери и евергрин концерти, со цел да стане уште еден препознатлив бренд на Прилеп. Членовите нагласуваат дека се горди што ќе настапуваат повторно и дека репертоарот ќе биде составен од светски познати композиции, достапни за поширока публика.

Видеото може да го погледнете тука