Николоски: Ратификацијата на Договорот за тунелот на Коридор 8 го зајакнува поврзувањето со Бугарија
Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, со што се исполнети сите услови за доизградба на железничкото поврзување помеѓу Скопје, Софија и Бургас.
Договорот, кој во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание, беше потпишан на 6 ноември од страна на вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски и заменик-претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов.
Николоски истакна дека реализацијата на овој проект ќе го зајакне економското поврзување помеѓу двете држави и народи, како и дека Коридор 8 претставува важен безбедносен коридор од висок интерес за НАТО и стратешките партнери на Македонија.
„Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани. Продолжуваме да работиме“, изјави Николоски.
