Македонија и САД постигнаа договор! Нула царини за американски стоки, а ние ќе купуваме течен гас: Детали од новиот трговски договор со САД
Соединетите Американски Држави и Северна Македонија постигнаа согласност за „Рамка за договор за реципрочна, фер и избалансирана трговија“. Документот предвидува драстични промени во трговската размена, при што Македонија целосно го отвора пазарот за американски производи, а се обврзува и на купување американски енергенси.
Договорот има за цел да ги зајакне економските врски и трансатлантското партнерство, но условите откриваат интересна асиметрија во царинската политика, објави 4news.mk
Царини: Македонија укинува сè, САД задржуваат 15% (со исклучоци)
Клучната точка на договорот е целосната либерализација на македонскиот пазар за стоки од САД.
Македонија: Ќе ги укине царинските давачки за сите американски индустриски и земјоделски стоки што се извезуваат во земјава.
САД: Ќе ги задржат реципрочните тарифи на 15 проценти за македонските стоки (согласно Извршната наредба 14257 од 2005 година). Сепак, САД ќе идентификуваат листа на специфични производи кои ќе добијат стапка од 0%.
Енергетика: Задолжително купување на американски гас
Во делот на енергетската безбедност, договорот директно го поврзува новиот гасен интерконектор со Грција со купувањето на американски гас.
„Македонија ќе започне со купување на американски течен природен гас (ЛНГ) по завршувањето на новиот гасен интерконектор“, стои во документот.
Без дигитален данок и отстранување на бариери
Договорот опфаќа и други важни сектори:
Дигитална трговија: Македонија се обврза да не воведува данок за дигитални услуги и да поддржи траен мораториум на царините за електронски преноси во СТО.
Земјоделство: Двете земји ќе работат на отстранување на бариерите за влез на американски земјоделски производи на македонскиот пазар.
Безбедност: Ќе се зајакне соработката за проверка на инвестициите и контрола на извозот, особено за справување со „непазарните политики“ на трети земји (алузија на Кина и Русија).
Следниот чекор е финализирање на текстот и негово потпишување за да стапи во сила.
