Проданоски и Андоновски на настан за дигитална безбедност во Прилеп
Прилеп денеска беше одбележан Меѓународниот ден на побезбеден интернет – 11 февруари, со настан што се одржа во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, во присуство на министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и градоначалникот на општина Прилеп, Дејан Проданоски.

Активностите беа реализирани во рамки на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет на Македонија, преку кој на учениците, родителите и наставниците им се презентираат конкретни алатки и насоки за безбедно користење на интернетот. Фокусот е ставен на превенција, родителска контрола и создавање сигурна дигитална средина за децата и младите.
Настанот имаше едукативен и интерактивен карактер, при што учениците преку практични примери, разговор и активности учеа како да се движат безбедно во дигиталниот свет, како да препознаваат потенцијални ризици и како одговорно да ги користат онлајн содржините. Притоа беше нагласено дека интернетот може да биде простор за знаење, креативност и забава, доколку се користи внимателно и со поддршка од возрасните.

Градоначалникот Проданоски истакна дека Општина Прилеп останува посветена на соработката со Министерството за дигитална трансформација и на унапредување на услугите за граѓаните, потенцирајќи дека безбедниот интернет е заедничка одговорност на институциите, училиштата, родителите и младите.
„Само заедно можеме да создадеме подобар и побезбеден дигитален простор за сите“, порача Проданоски.
