Николоски: Државата е посветена на препораките на УНЕСКО
Висока владина делегација оствари средба со највисокото раководство на УНЕСКО, на која беше потврдена јасната определба на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион како природно и културно светско наследство.
На средбата со генералниот директор на УНЕСКО, Калед Ел-Енани, претседателот на 43-тата Генерална конференција на УНЕСКО, Конгкер Мохамад Талха, и претседателот на Извршниот одбор на УНЕСКО, Насер бин Хамад Ал Хинзаб, се разговараше за улогата на УНЕСКО како клучна мултилатерална организација што промовира дијалог и меѓународна соработка во областа на образованието, науката, културата и комуникациите.

Во фокусот на разговорите беше состојбата на Охридскиот Регион, при што беше нагласена потребата од континуирана, навремена и доследна имплементација на препораките за заштита, со цел зачувување на статусот на регионот на Листата на светско наследство.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, истакна дека државата останува целосно посветена на заштитата на Охридскиот Регион, потенцирајќи ја и подготвеноста за продолжување и унапредување на соработката со Република Албанија во рамки на постојните механизми, со цел обезбедување долгорочна, одржлива и ефективна заштита на овој исклучително значаен регион.
