Расчистен подрумскиот простор на Центарот за култура во Прилеп

Македонија

Подрумскиот простор на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, кој со години беше користен како несоодветен паркинг, повторно се враќа во својата намена и функционалност, соопштија од Општина Прилеп.

Во координација со јавните претпријатија, просторот е целосно расчистен од хаварисани возила, смет и отпад, а во наредниот период ќе биде комплетно уреден и ставен во функција. Со оваа активност се воспоставуваат ред и хигиена, се враќа достоинството на институцијата и се обезбедува поуредена и покорисна инфраструктура за градот.

Како што кажаа од општината, акцијата има за цел да создаде подобри услови за работа и рационално, наменско користење на просторот, особено во период кога секое паркинг-место во централното градско подрачје е од големо значење.

Надлежните истакнуваат дека грижата за јавните институции и за граѓаните останува приоритет, најавувајќи продолжување на конкретни активности насочени кон почист, поуреден и пофункционален град.