Возачите на ЈСП од свој џеб ќе си ги плаќаат казните од „Сејф сити“ – ако не се знае кој возел ќе одговараат шефовите!
Возачите на автобусите на ЈСП и на возилата на другите јавни претпријатија во Скопје отсега лично ќе ги сносат трошоците за сторените сообраќајни прекршоци. Доколку, пак, не може да се утврди кој управувал со возилото во моментот на прекршокот, одговорноста ќе ја преземат шефовите на возниот парк, најави вчера градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Тој појасни дека казните за поминување на црвено светло, пречекорување на дозволената брзина или други сообраќајни прекршоци повеќе нема да се плаќаат од сметките на јавните претпријатија, туку директно од одговорниот возач.
„Возилата нема да можат да стартуваат без идентификациска картичка од возачот, со што во секој момент точно ќе знаеме кој управува. Ако не може да се утврди возачот, одговорноста ќе ја сноси шефот на возниот парк“, објасни градоначалникот.
Како дел од мерките за зголемена контрола и отчетност, Град Скопје најави и инсталирање специјални мерачи за потрошувачка на гориво, како и ГПС-уреди во службените возила, со цел да се спречат, како што рече Ѓорѓиевски, долгогодишните злоупотреби и кражби на нафта во јавните претпријатија.
