Работилница за гондола на Пелистер – Коњановски го поздрави учеството на домашни и странски експерти

Македонија

Денеска се одржа 2-та работилница за изработка на физибилити студија за изградба на гондола на Пелистер.

Се обрати и ги поздрави присутните градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој кажа дека ова е можност да се видат сите алтернативни решенија кои ги нудат домашните и странските експерти, кои се опциите и можностите за и Битола со „Пелистер“ еден ден да биде на големата туристичка светска мапа.

„Работилницата има за цел да го продолжи започнатиот процес на детална анализа и подготовка на студијата, како и размена на искуства и добри практики со експерти“ истакна претседателот на Советот, Бојан Бојкоски препуштајќи им ја говорницата на експертите.

 

 

Странските експерти ангажирани за оваа студија деновиве ја посетија Баба Планина со врвот „Пелистер“, а во предвид беа земени и предлозите од првата работилница која пред некој месец се одржа во Битола.

Експертите од Словенија, Франција и Андора, Франц Фурлани, Винсент Тасар, Филипе Бертхет-Рамбауд и Марк Пастор пред присустните кажаа дека „Пелистер“ нуди многу можности и дека она што ти го разгледуваат и препорачуваат е како планината да понуди содржини за туристите во сите четири годишни времиња.

Зборуваа за климатските услови кои особено се проблематични на врвот „Пелистер“, но дека и за тоа има решенија, пред присутните ги кажа трите варијанти од каде би тргнувала гондолата.

За сите три, Нижеполе, Дихово и Цапари детално ги објаснија трасите на движење, влијанието врз средината, безбедносните аспекти, задржувајќи се на трасата од Цапари преку Широка ( Ловечка) и до врвот „Пелистер“.

Исто така зборуваа и за тоа како горе може да има повеќе ски терени, дури и за почетници, други содржини кои ќе бидат во интерес на туристите.

Потоа се разви дискусија со присутните на оваа работилница.
Странските експерти претходно имаа средба и со градоначалникот на Битола во неговиот кабинет, каде исто така презентираа дел од нивните решенија.