Обвинението на ОЈО ГОКК ја турка правдата по швајцарски модел! Дали се урива конструкцијата на Коцевски?
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе три обвиненија против полициски службеници поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На брифингот во петокот, обвинителката Ивана Алексова-Трајчева изјави пред новинарите дека во првото обвинение за „Тешки дела против општата сигурност“ се обвинети 9 полицајци и 4 полициски раководители, кои не постапиле согласно своите надлежности.
Од 10 полицајци ангажирани во акцијата, еден веќе починал, додека четворицата раководители од СВР Штип кои биле на должност се товарат за нереализирање на акцискиот план на терен, каде што била организирана жива музичка вечер.
– Според видео-снимките од дискотеката „Пулс“ во 02:20 часот на 16.03.2025 година, неколку минути пред да избие пожарот, во објектот влегле 10 полицајци од ОВР Кочани и Полициската станица Пробиштип (како и 4 полициски раководители од СВР Штип). Истите не реагирале за отстранување на пиротехничките средства кои се наоѓале на сцената. Не постапиле ниту за отстранување на малолетните лица присутни во дискотеката, на кои им бил послужуван алкохол, а постојат сомневања и за употреба на дрога кај други лица. Дополнително, не презеле мерки за намалување на бројот на присутни, кој бил двојно поголем од дозволениот капацитет на објектот, вели Ивана Алексова-Трајчева, обвинителка ОЈО ГОКК.
Овие три обвиненија беа доставени до Кривичниот суд во Скопје по спроведување на обемна истрага која опфатила 27 полициски службеници. Покрај првото обвинение, поднесени се и обвиненија против уште 12 полицајци, од кои 9 се обвинети за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ при издавање дозволи за работа на кабарето во 2022 и 2023 година, со што било овозможено стекнување противправна имотна корист.
Тројца полициски службеници се обвинети за внесување неточни податоци при изготвување службена документација и овозможување водење прекршочни постапки. За ова, ОЈО ГОКК поднесе обвинение против овие тројца полицајци кои не ги извршиле своите службени должности.
– Во однос на уште 7 полициски службеници, донесовме наредба за запирање на истражната постапка, бидејќи е утврдено дека нивните законски надлежности не се во директна причинско-последична врска со настанувањето на пожарот и не можат да бидат гонети за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“. Сепак, утврдено е дека овие полициски службеници се одговорни за дејствија преземени во периодот од 07.12.2012 до 21.01.2022 година, при составување на записници од извршени контроли во клубот, каде биле констатирани прекршувања согласно член 21 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот, кои се однесуваат на одреден број паркинг-места, вели Ивана Алексова-Трајчева, обвинителка ОЈО ГОКК.
За дел од овие дејствија е утврдено застарување на кривичното гонење, за кои постапката ќе продолжи со друг обвинителен акт од Основното јавно обвинителство Кочани, додека за непостапувањата во периодот 2022 – 2023 година била спроведена претходна истражна постапка, по која денес е поднесено предметното обвинение.
Обвинителството смета дека овие дејствија можат да се квалификуваат како кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ согласно член 353 став 1 или став 3, во врска со член 1 од Кривичниот законик, во зависност од остварената имотна корист. За сите обвинети, мерките за обезбедување на нивното присуство во постапката остануваат во сила до донесување одлука од надлежниот суд.
Во паралелниот судски предмет што го води Основното јавно обвинителство Кочани, 35 физички лица и три правни лица се наоѓаат на обвинителна клупа, меѓу кои сопственикот, негови блиски роднини, инспектори од државни институции, поранешни министри, како и членови на агенцијата задолжена за обезбедување на дискотеката и сопственикот на агенцијата. Сите тие се изјаснија за невини во врска со пожарот што се случи на 16 март 2025 година во „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а 223 лица се здобија со тешки и лесни телесни повреди.
