Македонската заедница во Албанија ја тужи Владата поради мигрантските центри во Пустец

Македонија

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) поднесе тужба до Управниот суд во Тирана против Владата на Албанија, поради одлуката за отворање три центри за мигранти на територијата на општина Пустец, општина во која живее македонско национално малцинство.

Со тужбата јасно се бара изземање на општина Пустец од државниот план за отворање центри за мигранти, бидејќи одлуката е донесена без консултација со локалната самоуправа, без јавна расправа и без почитување на правата на локалното население.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана дава целосна поддршка на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) за поднесената тужба до Управниот суд во Тирана против одлуката на Владата за отворање три центри за мигранти на територијата на општина Пустец.

Сметаме дека оваа одлука е донесена без консултација, без јавна расправа и без почитување на правата и интересите на македонците во општина Пустец и што сериозно се нарушуваат принципите на локална самоуправа, демократско учество и заштита на правата на националните малцинства.

Општина Пустец, како средина во која живее македонско национално малцинство, мора да биде третирана со посебна внимателност и во согласност со меѓународните стандарди за заштита на малцинските права.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ја повикува Владата на Република Албанија да ја преиспита донесената одлука, – стои во соопштението на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, потпишано од претседателот Никола Ѓурѓај.