Меџити: Дигитализацијата е клуч за модерна локална администрација

Македонија

Изет Меџити денеска учествуваше на втората седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), во својство на потпретседател на организацијата. На седницата, заедно со министерот за јавна администрација Горан Минчев, беше презентиран нов софтвер за управување со човечките ресурси, кој ќе овозможи поефикасно, транспарентно и модерно администрирање во општините и нивните институции.

Во рамки на седницата беа именувани претставници на ЗЕЛС во повеќе работни тела и домашни и меѓународни организации, меѓу кои Советот на Европа, НАЛАС и АРЛЕМ, каде што ќе се застапуваат интересите на локалната власт. Најавенока е и комплетирање на составот на комисиите во рамки на ЗЕЛС со претставници од различни области од значење за општините.

Членовите на Управниот одбор разгледаа и поддржаа повеќе значајни иницијативи, меѓу кои и граѓанската иницијатива „Стоп за УСЈЕ“, како и прашањата покренати од АДКОМ во врска со предизвиците со кои се соочуваат јавните комунални претпријатија.

 

Меџити порача дека неговиот ангажман останува цврсто насочен кон јакнење на локалната самоуправа и заштита на интересите на општините и граѓаните.