Меџити во „Click Plus“: Редот во сообраќајот значи спасени животи

Македонија

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити вечерва во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека со текот на времето, сите ќе се навикнат на системот „Безбеден град“.

Како што вели, можно е во иднина, кога ќе се нормализира возењето, мерките да се ублажат.

„Ефектите веќе се видливи и кога ќе го видиме ефектот – спасени човечки животи – сметам дека тоа вреди. Мислам дека со тек на време сите ќе се навикнат повнимателно да ги почитуваат правилата, а можеби во иднина, кога системот ќе се нормализира, ќе може да се ублажат и дел од мерките. Крајната цел не е да се оштетат граѓаните, туку токму да има ред и да се спасуваат човечки животи. Ништо не е идеално. Со текот на времето, кога граѓаните ќе бидат посвесни и повеќе ќе ги почитуваат правилата, тогаш ќе има и помала потреба од ригорозни мерки“, изјави Меџити.