Енергетска ефикасност како стандард: Божиновска за планот за обновување на јавните згради

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Македонските јавни институции влегуваат во фаза на најмасовна и најсистемска енергетска трансформација досега. По децении во кои јавните згради беа синоним за нерационално трошење на буџетските средства и високи емисии на штетни честички, новата стратегија на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) најавува пресврт. Во последното интервју објавено во kapital.mk, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска јасно ги зацрта приоритетите за 2026 година, ставајќи го акцентот и на Планот за реконструкција на зградите на јавниот сектор (2025–2028). Планот за првпат во историјата на независна Македонија воведува строга, тригодишна рамка за енергетска обнова на вкупно 14 згради во кои функционираат 33 клучни институции.

„Јавните згради во Македонија предолго беа меѓу најголемите енергетски потрошувачи и извори на емисии што го нарушуваат квалитетот на воздухот во нашите градови. Со новиот тригодишен план за енергетска обнова, ние не само што ја менуваме нивната ефикасност, туку ја третираме оваа промена како суштинска економска реформа. Нашата цел е јасна: енергетската ефикасност да престане да биде само кампања и да стане траен стандард кој ќе донесе реални заштеди за граѓаните и државата“, вели во интервјуто министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска

Планот поставува јасна рамка за обнова и модернизација, а процесот се води како координирана институционална реформа, со усогласување со 33 институции. Наместо пристап „од случај до случај“, документот отвора системски модел во кој реконструкцијата се врзува за конкретни цели како намалување на потрошувачката, пониски трошоци и подобри услови за работа, со директно влијание врз квалитетот на воздухот во градовите.

 

Јавниот сектор се движи и во насока на мерки што се обврска според законската рамка, секоја година да се реконструираат најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на јавните згради, при што мерките за енергетска ефикасност стануваат задолжителен дел од секоја реконструкција.

Министерката во интервјуто посочува дека со Годишниот план за 2025 година, за првпат системски се отвора простор паралелно со новите производствени капацитети да се развива и инфраструктура за балансирање, преку интегрирани батериски системи во рамки на фотоволтаичните централи и посебни, изолирани складишта со голема инсталирана моќност. Вкупната инвестиција за овој сегмент е проценета на над 53 милиони евра, со вкупен складиштен капацитет од 2.146,041 MW. Истовремено, Годишниот план ја воведува логиката на предвидливо планирање на развојот на системот, со координација со операторите на пренос и дистрибуција, и со јасно дефинирани приоритети за изградба и модернизација на енергетските капацитети. Во јавните бројки за планот се наведува дека опфатот е исклучително широк, со 481 планиран објект и вкупна инсталирана моќност од 1.265,89 MW, при што доминираат фотоволтаичните капацитети. Во таа рамка, јавните институции не се третираат само како потрошувачи што треба да воведат енергетска ефикаснот, туку како дел од пофлексибилен систем за управување со енергијата, кој подобро се справува со варијабилноста на производството и пазарните осцилации.