Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура: Езерски Лозја добива модерна сообраќајница и велосипедска патека
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, заедно со тимот на Општина Струга, инженерскиот тим на проектната единица за реализација на проектот „Подобрување на локалната патна инфраструктура во избрани општини – дел 2“, како и претставници од Единицата за имплементација на проекти од Светска банка при Министерството за транспорт, во рамки на проектот Western Balkans Trade and Transport Facilitation Project, остварија работна средба и теренска посета на локацијата на планираните активности.
Проектот опфаќа реконструкција на улица во населбата Езерски Лозја, на потегот од Автокампот „Ас“ до вливот на реката Сатеска, со што е предвидена:
– реконструкција на постојната сообраќајница;
– изградба на пешачка и велосипедска патека, со цел зголемување на безбедноста и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Целта на состанокот беше идентификување на потенцијалните предизвици на терен и изнаоѓање соодветни решенија, со цел навремено и квалитетно започнување на градежните работи.
Се очекува градежните активности да започнат во наредните 10 дена.
Општина Струга продолжува со конкретни чекори во насока на унапредување на локалната патна инфраструктура и создавање побезбедна и пофункционална средина за сите граѓани.
