Димитриеска – Кочоска: ‘Стандард и Пурс’ потврдува одговорно управување со јавните финансии

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Агенцијата „Стандард и Пурс“ ја потврди кредитната оценка на Македонија на ‘BB’ со стабилни изгледи, што, според министерството за финансии, е јасен сигнал за доверба во економските политики и фискалната стабилност на земјата.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска ја оцени потврдата како резултат на одговорно управување со јавните финансии, умерен јавен долг и континуирано сервисирање на обврските, дури и во услови на глобална економска неизвесност.

Агенцијата во својата анализа ги нотира и заложбите на Владата за забрзување на економскиот раст, поддржан од јавните инвестиции и инфраструктурни проекти.

 

„Продолжуваме со политики насочени кон раст, стабилност и подобар животен стандард, со јасен фокус на институционални реформи, владеење на правото и борба против сивата економија“, изјави Димитриеска – Кочоска.

Министерката истакна дека ова е важен сигнал и за инвеститорите дека Македонија е стабилна и одговорна економија.