Скопската Психијатриска болница пишува историја – Роџер е првиот четириножен колега во Македонија кој носи љубов што лекува (видео)
Од денес, тимот на ЈЗУ Универзитетската клиника за психијатрија има нов колега. Тој не носи бел мантил, не зборува и не пишува извештаи, но неговото присуство се чувствува уште при самиот влез. Станува збор за Роџер, 2,5-годишен чоколаден лабрадор, кој со својата смиреност и топлина веќе стана дел од секојдневието во клиниката.
Роџер не е тука случајно. Неговото вдомување е дел од стручната насока за воведување активности поддржани од животни, познати како Animal Assisted Activities. Како што објаснува директорката на Клиниката, проф. д-р Славица Арсова, присуството на куче во терапевтска средина создава чувство на сигурност и доверба, ја олеснува комуникацијата и им помага на пациентите полесно да се релаксираат и да се вклучат во терапијата. Роџер учествува во средби со пациенти, индивидуално или во групи, секогаш под стручен надзор и со согласност од пациентите.
Освен што има терапевтска улога, Роџер носи и важна порака. Тој е вдомен и згрижен како рамноправен член на колективот, со што Клиниката испраќа повик за хумано однесување и одговорност кон напуштените животни. За него се обезбедени сите неопходни услови, од редовна ветеринарна грижа до јасно утврдени правила за неговото движење и присуство во установата.
Со доаѓањето на овој нов четириножен колега, Клиниката за психијатрија доби нешто повеќе од нова практика. Доби тивок сојузник кој секојдневно потсетува дека понекогаш најсилната поддршка доаѓа без зборови, преку присуство, трпение и искрена, безусловна доверба и љубов.
Целото видео може да го проследите на линкот подолу.
