Чувството на дежаву е неизбежно! АРТАН ГРУБИ – ИСТА ПРИКАЗНА НОВ БЕГАЛЕЦ

Колумни, Македонија, Политика

╔══════════════════════════════════════╗
„Во земјава, изгледа и бегството од правдата е предмет на „правична застапеност“ –не може само едни да бегаат,
ред е да има рамнотежа.“ – Аматерката

╚══════════════════════════════════════╝

Во македонската политичка реалност, бегството одамна не значи исчезнување. Тоа значи префрлување на сцената. Од институционален простор во дигитален, од судница во временска линија, од одговорност во коментар. Она што некогаш завршуваше со тишина, денес започнува со статуси, анализи и јавни поуки. Бегството, во таа смисла, не е крај на политичкото дејствување, туку негова трансформација.

Чувството на дежаву не е субјективно, туку историски потврдено. Македонското општество веќе го живее овој модел со Никола Груевски – физички отсутен од правниот поредок на државата што ја водеше, но континуирано присутен во јавниот простор преку пораки, обраќања и „загрижени“ анализи за нејзината иднина. Од безбедната дистанца на Будимпешта, тој со години демонстрираше дека бегството не подразбира молк, туку нов тип на говор: говор без ризик и без последици.

Токму затоа, прашање е само на време кога истиот образец ќе се повтори и со Артан Груби. Без оглед каде се наоѓа, логиката на системот сугерира дека институционалната недостапност лесно ќе се компензира со зголемена дигитална активност. Бегалецот од правдата ќе се појави како аналитичар на државата од која е правно отсутен, како реформатор на системот што не успеал да го реформира додека бил дел од него.

Социјалните мрежи во оваа шема не се случаен избор, туку клучен механизам. Тие нудат простор без одговорност, без вкрстено испрашување и без санкција. Таму нема обвинител, нема судија, нема рокови. Во таков амбиент, бегалецот лесно се реинкарнира како морален авторитет, ослободен од обврската да одговара за сопствените одлуки и последици. Наративот го заменува фактот, а присуството – отчетот.

Ова не е индивидуална морална слабост, туку системска последица. Таа произлегува од институционалната немоќ – или неволја – да се затвори кругот на одговорност. Колку подолго траат постапките, колку повеќе екстрадициите се претвораат во дипломатски конструкции, толку повеќе простор се отвора за јавна рехабилитација преку збор. Молкот на институциите не е неутрален; тој активно произведува говор на бегалците.

Резултатот е парадоксална, но стабилна состојба: оние што се најдалеку од судницата стануваат најгласни во јавната дебата. Физичката дистанца од правниот систем оди рака под рака со вербална доминација во јавниот простор. Одговорноста станува одложлива категорија, додека поуките се испорачуваат веднаш, без задршка и без легитимитет.

Во ваков контекст, прашањето не е дали бегалците ќе почнат да „солат памет“. Тие веќе го прават тоа, или допрва ќе го направат, следејќи проверен модел. Вистинското прашање е зошто општеството повторно го толерира овој театар. Зошто јавниот дискурс им се препушта на оние што се недостижни за правдата, додека институциите остануваат неми.

Додека бегалците зборуваат, постапките формално се „во тек“. Додека тие анализираат и поучуваат, екстрадицијата „се чека“. Но обврските – тие никогаш не чекаат. Данокот се наплаќа, казните се спроведуваат, системот функционира беспрекорно кога станува збор за оние што немаат каде да избегаат.

Затоа, феноменот на бегалецот како морален авторитет не е аномалија, туку логичен исход на држава во која бегството е привилегија, зборот е моќ, а одговорноста е предмет на одложување. Сè додека таа логика опстојува, бегалците ќе продолжат да зборуваат, а институциите – да молчат.

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет