Судбината на правдата во две трагедии: Кран-Монтана и Кочани

Македонија

Трагедијата во Швајцарија, на новогодишната ноќ во Кран-Монтана, ја врати меморијата и вниманието на јавноста во Македонија кон настаните од 16 март 2025 година и трагедијата во Кочани.

За властите во Македонија, трагедијата во Швајцарија дава простор за толкување дека вакви трагедии се случуваат и во развиена земја како Швајцарија, но истрагата што ќе се води таму ќе „бдее“ над правдата за Кочани – правда што семејствата на 63-те млади луѓе ја чекаат и по девет месеци.

Но, за разлика од Македонија, каде обвинението опфати многу широк круг и влезе во лавиринт, во Швајцарија истрагата е фокусирана на потесен круг на осомничени.

 

Сопствениците на барот „Le Constellation“, сопружниците Жак и Џесика Морети, сè уште не се уапсени, но три дена по трагедијата Oбвинителството во кантонот Вале соопшти дека тие се осомничени за убиство од небрежност, телесна повреда од небрежност и предизвикување пожар од небрежност.

„Потврдувам дека е отворена кривична истрага против двајцата менаџери. Оваа кривична истрага, во соработка со сите вклучени страни, ќе овозможи да се идентификуваат и разгледаат сите траги. Како што постојано нагласував, ниту една трага или сомнеж нема да биде занемарен. Сите можности се разгледуваат и со отворањето на истрагата ќе можеме да продолжиме да постапуваме согласно Законот за кривична постапка“, вели Беатри Пилу, Обвинителка на Кантонот Вале. 

Оттука јасно се гледа разликата меѓу двете истраги. Швајцарските истражни органи се движат кон потесен круг на одговорност и убиство од небрежност, додека во Македонија во обвинението беа опфатени и функционери од пред 12 години, и тоа за „тешки кривични дела против јавната безбедност“.

За адвокатот Јанаки Митровски, несоодветно е да се прават споредби бидејќи станува збор за друга држава со свои закони, но тој повторува дека обвинението за Кочани е неосновано. Според него, нашето обвинителство е свесно дека кривичните дела против функционерите се застарени и дека обвинението е неодржливо, па одговорноста ја префрла на судот само за да ја смири јавноста.

– Сите знаеме дека оваа квалификација што е дадена е направена под притисок на јавноста, што несомнено е погрешно. Сите сме сведоци дека, според ограничените информации што ги имаме од медиумите, таму се осомничени сопствениците на барот, односно се оди кон многу потесен круг, за разлика од кај нас каде што се отиде многу широко, што ја комплицира ситуацијата и ја прави потешка, бидејќи голем дел се гонат за соизвршителство“, вели Јанаки Митровски, пренесува „Слободен печат“. 

И универзитетскиот професор Сејфула Османи истакнува дека нашиот правен систем често го бара виновникот според интереси, за разлика од современата европска практика, како швајцарската, каде виновниците се бараат таму каде што дејствијата навистина се случиле. Тој додава дека во случајот со трагедијата во Кочани повеќе се водел „лов на вештерки“ отколку вистинска истрага, и изразува надеж дека Македонија ќе земе пример од начинот на истрага во Швајцарија.

„Ние ја баравме вината таму каде што сакавме, ловејќи вештерки. Го баравме виновникот кај министрите, кај луѓе кои имале надлежности многу порано, додека тие ја бараат вината кај инспекторатот, кај менаџерите и раководството на корпорацијата, кај директните фактори за иницирање на пожарот. Значи, така требаше да се постапи и кај нашиот случај, и јас посакувам и во случајот со Кочани продолжението на истрагата и барањето на одговорноста да оди во оваа насока“, изјави Османи. 

Двата пожари избија од пиротехнички средства и речиси на идентичен начин. Двата објекта имаа лесно запаливи материјали, што доведе до брзо ширење на пламените. За разлика од случајот во Кочани, каде фокусот беше ставен на фактот дека дискотеката немала дозвола, постапката во Швајцарија е повеќе насочена кон строга одговорност за небрежност во објект кој формално имал дозвола за работа, но не ги почитувал безбедносните протоколи за време на прославата. Швајцарските власти истражуваат дали употребата на пиротехнички средства била во согласност со внатрешните правила на објектот и со швајцарските закони; се испитува изолационата пена на таванот, се проверува дали во барот имало повеќе гости од дозволеното и дали излезите за итни случаи биле пристапни во моментот на несреќата.

Извор: ТВ21