СДСM го обои црвен Деспотовски, па го ставија на листата на ВМРОВЦИ – Тој е квислинг и петоколонаш на ДПМНЕ
СДСМ издаде ново остро соопштение во кое го напаѓа поранешниот истакнат функционер и член Јован Деспотовски, нарекувајќи го „класичен петоколонаш и квислинг“ кој продолжува со напади на партијата во координација со „предавничката коалиција ВМРО-ЗНАМ“.
Реакцијата следува по гостувањето на Деспотовски во телевизиската емисија „Тема на денот“ на Сител, каде што тој го критикуваше начинот на комуникација и внатрешните пресметки во раководството на СДСМ.
„Како класичен петоколонаш и квислинг Деспотовски продолжи со нападите на СДСМ. Јавноста и членовите гледаат дека ова е продолжение на планот на предавничката коалиција ВМРО-ЗНАМ за напади и уривање на СДСМ.
И тоа не во било кој момент, туку како петоколона, токму кога партијата се стабилизираше, напредуваше и доби голема поддршка од јавноста за борбата против криминалот и корупцијата на ВМРО-ЗНАМ и договорите „мигранти за пари“.
Додека ние ги разоткриваме криминалните шеми на ВМРО-ЗНАМ, тој со нив прави договор против СДСМ. Деспотовски прави дил со оние што сакаат да ја срушат СДСМ, повторно заради личен интерес“ – се вели во соопштението на СДСМ.
Ова е продолжение на серијата партиски напади врз внатрешни критичари, по поранешните функционери Петре Шилегов и Саша Богдановиќ, кои исто така беа обвинети за предавство и соработка со власта.
Деспотовски претходно најави дека ќе бара одговорност доколку не бидат презентирани докази за наводната соработка со политички противници, оценувајќи дека ваквиот пристап нанесува срам на партијата.
Внатрепартиските тензии во СДСМ ескалираат во пресрет на партискиот конгрес најавен за 24 јануари 2026 година.
