Една милијарда евра од меѓународните пазари за стабилност на јавните финансии

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Македонија следната година планира издавање еврообврзница на меѓународниот финансиски пазар во вкупен износ од една милијарда евра, која ќе биде поделена на два дела од по 500 милиони евра со различен рок на доспевање.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на средба со новинари, информираше дека ваквиот модел има за цел долгорочно одржување на стабилноста на јавните финансии и обезбедување навремена ликвидност за сервисирање на обврските што доспеваат.

Во моментов, како што посочи министерката, се прават анализи за рочноста на двете транши, а издавањето е планирано за првиот квартал од 2026 година. Според неа, поделбата на еврообврзницата треба да ја зголеми атрактивноста кај инвеститорите, бидејќи износите над 500 милиони евра полесно се тргуваат на секундарниот пазар.

 

Средствата од новата еврообврзница ќе бидат наменети пред сѐ за отплата на еврообврзницата издадена во 2020 година, во износ од 700 милиони евра, која доспева во 2026 година.