Синоптичарите со најнова прогноза за јануари и февруари – ќе има ли „грч зима“?!
Без долготрајни екстремни периоди, но со епизодни студени бранови ќе биде оваа зима, покажуваат најновите сезонски климатски очекувања за државава. Средната зимска температура ќе биде над повеќегодишниот просек за околу +1°C.
Студени бранови со температури околу или под нормалните се очекуваат кон крајот на декември до средината на јануари, како и кон крајот на февруари, но без сигнали за долготрајни или екстремни зимски студови.
Климатскиот осврт што го изработија професорот Владо Спиридонов, редовен професор на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ, покажува дека не очекува претежно променлива зима, која ќе биде умерено топла во однос на климатскиот просек (1991-2020).
– Во пониските предели, како Скопје и Штип, се очекуваат средни зимски температури од 1–4°C (нормални вредности: Скопје 1,1–2,4°C, Штип 1,6–3,1°C), додека во планинските подрачја, како Маврово, средната температура ќе биде од 0 до –3°C (нормална вредност –2 до –0,4°C). Бројот на мразни денови ќе изнесува 30–55 во низините и 60–75 на планините, додека ледените денови ќе бидат релативно ретки во низините (5–15), но почести на планините (25–40). Студени бранови со температури околу или под нормалните се најверојатни кон крајот на декември до средината на јануари, како и кон крајот на февруари, но без сигнали за долготрајни или екстремни зимски студови, пишува во анализата изработена врз основа на сезонските прогнози на ECMWF и UKMO.
Врнежите ќе бидат регионално и временски нерамномерно распределени, при што снегот ќе биде концентриран во планинските делови, особено во западна и северна Македонија (Шар Планина, Бистра/Маврово, Баба, Јакупица). Во пониските котлини, снежната покривка ќе биде повремена и нестабилна, со чести премини меѓу дожд и снег.
