Грчки музички сојуз со поддршка за македонскиот бенд Banda Entopica
Панелинскиот музички сојуз остро ја осуди, како што ја нарече, неприфатливата постапка на градоначалникот на Лерин, кој предводел група „револтирани граѓани“ и предизвикал тензии за време на концерт на традиционална музика поради изведување песни на словенски дијалект.
Според пријава на музичкиот состав „Banda Entopica“, градоначалникот директно интервенирал кај тон-мајсторот, барајќи да се исклучи озвучувањето, додека друго лице се искачило на сцената и физички оттурнало член на бендот со зборовите дека „такви песни тука нема да се свират“.
Од Сојузот оценуваат дека ваквите настани се дел од долгорочна политика на забрана и маргинализација на јазикот, песните, обичаите и културата на малцинствата во Грција, и покрај официјалните декларации за почит и инклузивност. Во соопштението се наведува дека преку културата се поттикнува омраза меѓу народите врз основа на јазик, религија и културна припадност.
Панелинскиот музички сојуз предупредува дека на удар не е само словенскиот јазик, туку и арапскиот, албанскиот, турскиот, како и различните верски заедници, особено муслиманската, кои често се стигматизираат.
На крајот, музичарите и граѓаните се повикуваат да се спротивстават на политиките што шират поделби и омраза, со порака дека народите немаат ништо што ги разделува и дека заедничката борба е единствениот пат кон мир, без војни, сиромаштија и експлоатација.
