Бејта го отвори изборниот штаб во Гостивар: „Чесност и транспарентност на прво место“
Коалицијата Вреди вчеравечер го отвори својот изборен штаб во Гостивар, со што официјално ја започна кампањата за повторените избори за градоначалник на 11 јануари.
Кандидатот на коалицијата, Невзат Бејта, пред присутните ги презентираше проектите од својата програма, со кои планира да ја добие довербата на граѓаните. „Имаме конкретни проекти за Гостивар во наредните четири години – отворање на главниот булевар, изградба на алтернативен пат што ќе ја поврзе Форино со Гостивар и со тоа ќе се намали сообраќајниот хаос, особено за време на доаѓањето на иселениците, и многу други“, истакна Бејта.
Во обраќањето, Бејта изнесе критики кон досегашната локална власт, обвинувајќи ја за злоупотреби и неефикасно работење: „Денес еден квадратен метар асфалт или бекатон чини од 100 до 200 евра, фирми блиски до власта добиваат стотици илјади евра, а работите не се извршени како што треба. Општинскиот долг е над 30 милиони евра, додека наплатата од комуналните такси и градежните дозволи изнесува околу 27 милиони евра за осум години, без јасна отчетност. На 11 јануари ќе се стави крај на оваа лоша пракса, ќе се врати чесната и транспарентна работа во служба на граѓаните, а секој кој злоупотребувал ќе сноси одговорност“.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека Бејта има капацитет и менаџерски способности да води Гостивар и да донесе позитивни промени и подобри услови за граѓаните. На настанот говореше и претседателот на централниот штаб, Аднан Азизи, кој подвлече дека граѓаните заслужуваат стабилност и докажана рака, а не политички експерименти.
Локалниот изборен штаб на Вреди во Гостивар за повторените избори ќе го предводи Бахар Шабани.
