Димитриеска-Кочоска: Модерна царина за посигурна држава и посилна економија

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Денеска во Царинската управа беше промовирана новата дигитална алатка – Системот за анализа на ризик и податочен склад, поддржан со грант од Република Кореја во вредност од 4,75 милиони долари.

Како што истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, системот значително ќе ја зајакне заштитата на финансиските интереси на државата, ќе ја подобри безбедноста на стоките кои влегуваат во земјата и ќе овозможи креирање извештаи со податоци од висок квалитет.

Истовремено, новата платформа ќе го олесни процесот на легалната трговија, ќе го скрати времето за царинење и ќе ги намали трошоците за компаниите. Модернизацијата и дигитализацијата на Царинската управа, нагласи министерката, се меѓу клучните приоритети на Владата.

„Како Министерство за финансии, наш приоритет е обезбедување стабилни и одржливи јавни приходи, заштита на домашната економија и зголемување на конкурентноста на нашите компании“, порача Димитриеска-Кочоска.

Таа упати благодарност до корејската Влада за поддршката, како и до директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, за неговата посветеност во унапредувањето на работењето на институцијата.