Скопје добива нов Луна Парк – еве со што сѐ ќе биде опремен!

Дали Знаете, Забава, СКОПЈЕ

Конечно, Скопје добива Луна Парк! Оваа вест вчера ја сподели градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

– Почитувани скопјани, со особено задоволство сакам да ве информирам дека по долги години оддолговлекувања и лажни ветувања, денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк. По децении изминати во кои генерации деца беа лишени од местото што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти, конечно започнуваме со реализација на проект што ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град. Пред нас е изградба на ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди, сподели тој на својот официјален фејсбук профил.

Луна Паркот ќе има ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава, а посебно внимание ќе се посвети на пристапноста.

Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје.

– Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош. На овој простор од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена, соопшти Ѓорѓиевски.