МАКЕДОНСКИ КОНЦЕПТ повикува на конечен и непроменлив македонски став по мигрантското прашање
Политичката партија Македонски Концепт, дел од актуелната владина коалиција, упати повик за заеднички, конзистентен и долгорочен државен став во однос на европската мигрантска политика и надворешно-политичките позиции на земјата. Претседателот на партијата, Петар Богојески, истакнува дека Македонија треба да усвои „конечен и непроменлив македонски став – никогаш мигранти во Македонија“.
Според партијата, мигрантската криза која повеќе од една деценија ја потресува Европа стана централно геополитичко и безбедносно прашање, со последици врз политичките и општествените процеси на континентот. Богојески оценува дека оваа тема неминовно ќе дојде и на дневен ред во Македонија, особено со напредокот кон членство во Европската Унија.
Партнерство со САД, Обединетото Кралство и Ираел – „вистински курс“
Во соопштението се нагласува дека стратешките односи со САД, Обединетото Кралство и Ираел се „одлични“ и претставуваат правилна насока за државата. Како главен проблем се посочува мигрантската политика на ЕУ, за која од партијата тврдат дека „ја убива Унијата одвнатре“.
Македонија – мала држава со значајна улога
Македонски Концепт смета дека поради географската позиција и важноста на коридорите што ја поврзуваат Европа со Истокот, Македонија мора да води јасна, принципиелна и проактивна надворешна политика. Според партијата, земјата треба да биде одговорен партнер во европската безбедносна архитектура, но истовремено да ги штити сопствените интереси.
Во соопштението се наведува дека државата треба да се фокусира на:
- заштита на националната безбедност и стабилноста на границите,
- партнерство со ЕУ засновано на рамноправност и взаемна почит,
- јасни механизми против нелегална миграција, трговија со луѓе и криминални рути.
- „Секој на своето“ – повик за враќање на македонските граѓани дома
Богојески порача дека младите Македонци треба да се вратат во земјата, „каде што се свои на своето“, додека мигрантите од Азија и Африка треба „да останат во своите држави и таму да се борат за својата иднина“.
Повик за обединување
Партијата апелира до сите политички субјекти, и леви и десни, да се обединат околу „идеологијата на здравиот разум“ и заеднички да креираат државни политики што ќе обезбедат стабилност и безбедност, како и појасна позиција на Македонија во регионалните и европските процеси.
Соопштението во целост може да го проследите на овој линк.
