ВЛЕН: Економскиот раст од 3,8% е доказ за успешната работа на министерот Дурмиши
ВЛЕН ја поздравува објавената стапка на раст на Бруто домашниот производ од 3,8 проценти во третото тримесечје, соопштена од Државниот завод за статистика, оценувајќи дека овој резултат е јасен показател дека економијата се консолидира и се движи во вистинска насока.
Според партијата, ваквиот раст ја позиционира државата меѓу економиите со солидни перформанси и ги одразува позитивните ефекти од политиките насочени кон економска стабилност, привлекување инвестиции и создавање нови можности за вработување.
ВЛЕН посочува дека постигнатите резултати се тесно поврзани со работата на Министерството за економија и труд под раководство на министерот Бесар Дурмиши, кој од првиот ден се фокусирал на подобрување на условите за бизнис-заедницата и стимулирање на инвестициите. Овие чекори, велат од партијата, веќе даваат резултати преку отворање нови работни места и постепено зајакнување на економијата.
„Растот го покажува променетиот пристап. ВЛЕН ќе осигури оваа промена да продолжи да се продлабочува секој ден“, стои во партиското соопштение.
