Заев со жесток одговор до Груевски: „Никола, најди си хоби. Знаеш каде ќе одиш кога ќе се појавиш во Македонија“
Поранешниот премиер Зоран Заев денеска остро му одговори на експремиерот и азилант во Будимпешта, Никола Груевски, преку долга објава на социјалните мрежи. Во неа, Заев го обвинува Груевски дека „од досада“ продолжува да се занимава со политички прозивки и дека од „бегство“ се обидува да ја контролира партијата во Македонија.
„Никола, тебе навистина ти е досадно, нели? Читам денес дека си почнал и да се разубавуваш. Човеку, ти навистина не знаеш што да правиш со самиот себе,“ пишува Заев, додавајќи дека Груевски „секојдневно дели задачи“ на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. објави Скопје1.мк
Заев тврди дека доколку Груевски ја одлежел, како што вели, „минималната казна“, денес ќе можел да зборува пред македонската јавност, „а не да пишува епопеи од бегство, кои никој не сака да ги прочита до крај“.
„За разлика од тебе, ние пред политиката се занимававме со сопствена работа. А јас, иако веќе пет години сум во политичка пензија, нема ден да не ме спомнете. Толку ли комплекси сте натовариле?“ – продолжува Заев.
Тој го обвини Груевски дека „се капе во украдените пари на граѓаните“, истакнувајќи дека самиот работи достоинствено и нема намера често да реагира на вакви објави.
„Тоа значи дека ова е една од ретките прилики кога повторно го добиваш моето внимание,“ пишува поранешниот премиер, кој му порача на Груевски „да си најде хоби“ додека, како што саркастично вели, „се разубавува“.
Во завршницата од објавата, Заев му порача:
„Се надевам дека ќе дојде денот кога ќе се појавиш во Македонија – а добро знаеш каде ќе треба директно да одиш.“
Тој ја заокружи реакцијата со коментар: „Јас жеден да сум, Русија капка вода нема да ми даде, а камоли бизнис да ми даде. Поздрав од Македонија, полноправна членка на НАТО.“ објави Скопје1.мк
