Димитриеска-Кочоска: Македонија и Словачка споделуваат заедничка визија за посилен регион

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска оствари официјална средба со нејзиниот колега од Република СловачкаЛадислав Каменицки. Двајцата министри на средбата разменија мислења за низа прашања од заеднички интерес и оценија дека има широк потенцијал за понтамошно унапредување на соработката.

„Денеска остваривме многу плодна и суштинска средба со мојот колега, министерот за финансии на Словачка, Ладислав Каменицки, на неговата прва официјална посета во Македонија. Македонија и Словачка се пријателски земји кои споделуваат заедничка визија – силен и стабилен регион, интегриран во Европската Унија, со отворени пазари, развиени институции и стабилни економии, рече министерката по средбата со словачкиот министер.

Таа додаде дека  Македонија има јасна и амбициозна агенда за јакнење на јавните финансии, фискална дисциплина, подобрување на деловното окружување и спроведување на проекти што директно придонесуваат за економски раст, што е и дел од препораките во последниот Извештај на Европската комисија. При тоа се заблагодари за поддршката што ја дава Словачка на нашата земја во делот на јавните финансии, борбата против даночното затајување и трансферот на knowhow, што е многу значајно за исполнување на критериумите за членство во ЕУ како и oд економските и институционалните реформи кои произлегуваат од Реформската агенда. 

 Министерот Каменицки потенцира дека оваа средба е важна за размена на искуства помеѓу двете земји. При тоа понуди помош и поддршка на нашата земја во нашиот евроинтеграциски процес.

 Исто така посочи и на значењето на потпишаниот Меморандум за соработка во развојот на пазарите на капитал помеѓу седум земји од регионот на ЈИЕ, вклучително и на Словачка и Македонија и можностите кои  што ги отвора тој за инвеститорите во регионот.

На средбата двајцата министри се осврнаа на можностите за развој на пазарите на капитал по потпишување на Меморандумот за соработка меѓу седум земји-членки на Европската Унија и Северна Македонија, како и за можностите за поддршка во креирање мерки за борба против сивата економија,како и на поддршка за реформите во рамки на евроинтеграцискиот процес на нашата земја.