МАКЕДОНКА Е БРУТАЛНО УБИЕНА ВО СВОЈАТА КУЌА ВО ИТАЛИЈА, сопругот исчезнат, а истрагата открива години на семејно насилство

Хроника

Во италијанското селце Пјанело Валесина, во општината Монте Роберто кај Анкона, вчера попладне беше пронајдена мртва 49-годишната Саџиде Муслија, Македонка која со години живеела во регионот Марке. Таа лежела на креветот во својот дом со тешки повреди на главата и траги од крвничко тепање, а италијанските истражители веднаш ја отфрлија можноста за несреќа. Најверојатното сценарио, според првичните наоди, е дека жената била убиена од нејзиниот сопруг, Назиф Муслија, кој е во бегство и по кого полицијата интензивно трага, пренесуваат италијанските медиуми.

Околностите околу откривањето на телото само го засилија сомнежот. Вратата на домот била отклучена, со клучеви оставени во бравата, знак дека сторителот побрзал да избега. Алармот бил подигнат од нејзиниот работодавач, кој ја чекал на работа, а не можел да ја добие на телефон.

Кога карабинерите влегле во станот, ја нашле Саџиде на креветот, во локва крв, со целосно изобличено лице. Дежурниот судија, истражната единица од Анкона и крим-техника веднаш го обезбедиле местото на злосторството.

Истрагата брзо откри дека ова убиство не било изолиран чин, туку епилог на семејно насилство кое траело најмалку две години. Саџиде повеќепати пријавувала физичко и психолошко малтретирање, со сè потешки епизоди.

Најдраматичниот инцидент се случил на 12 април годинава, кога нејзиниот сопруг, убеден дека го изневерува, ја скршил вратата од спалната со секира. Жената бегала кај соседите, а само брзата интервенција на карабинерите спречила уште поголема трагедија.