Проданоски: Секоја личност во Прилеп заслужува еднакви можности и достоинство

Македонија, Политика

Општина Прилеп е избрана за „Најуспешна општина во спроведување на инклузијата“ за 2025 година, признание кое ја потврдува континуираната работа и посветеноста на локалната самоуправа кон создавање инклузивно општество.

На Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 декември, ова признание добива уште поголема значење, испраќајќи јасна порака дека секој човек има право на достоинствен живот, еднакви можности и активно учество во заедницата.

 

 

Признанието е доделено во рамки на тригодишниот проект „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“ на Здружението „Отворете ги прозорците“ и Детската фондација „Песталоци“, каде од вкупно 12 општини, Прилеп се издвојува со пионерски чекори: формирање општинско тело за инклузија, изработка на Програма и Акциски план, како и ангажирање на 52 образовни асистенти.

Градоначалникот Дејан Проданоски го истакна значењето на Дневниот центар „Ѕуница“, Дневниот центар за лица со церебрална парализа, Меѓуопштинскиот центар за социјални работи и специјализираните паралелки во ООУ „Климент Охридски“, каде секое дете е интегрирано и поддржано.

Проданоски најави дека работата продолжува, со формирање тим за детектирање и поддршка на надарени деца, отворање Советувалиште за родители со мултидисциплинарен тим, развивање нови програми за поддршка и дополнително унапредување на пристапноста и социјалните услуги.

„Инклузијата не е само збор, тоа е начин на живеење. Тоа е нашата заедничка обврска и иднина“, порача градоначалникот, нагласувајќи дека Прилеп останува град на еднаквост, почит и човечност.