Коњановски: Заеднички да најдеме решенија за онлајн насилството
Подигнување на свеста кај младите за дигиталното насилство, токсичните онлајн врски, уцените и притисоците на социјалните мрежи беше во фокусот на настанот „Дигитална зона – безбедни тинејџери, без насилство“, организиран од здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“.

Стручната јавност, претставници на институциите, невладиниот сектор и средношколци дискутираа за предизвиците со кои се соочуваат младите во онлајн просторот. Настанот се одржа во рамките на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство 2025“.
„Овој настан е токму наменет за тинејџерите и проблемите со кои секојдневно се соочуваат во дигиталниот свет. Преку разговор и едукација, нивната безбедност може значително да се подобри“, истакна Фатма Бајрам Аземовска, претседателка на „Сумнал“.

Учесниците ги поздрави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој ја нагласи важноста од заедничко делување во заштитата на младите.
„Секое дете заслужува детство ослободено од насилство, експлоатација и злоупотреба. Денес, дигиталниот свет донесе нови предизвици, а детската безгрижност е се позагрозена. И како родител и како градоначалник се прашувам каде грешиме и како тоа да го поправиме“, рече Коњановски.
Тој потсети дека Општина Битола од крајот на 2022 година функционира со регионален советодавен Центар за жртви на семејно насилство врз жени и деца, каде се нуди психолошка, правна и кариерна поддршка.
На трибината свои излагања имаа претставници на полицијата, психолози, социјален работник, спортист и инфлуенсерка, кои говореа за ризиците, превенцијата и начините на реагирање при дигитално насилство.
Настанот заврши со практична симулација, во која учениците преку сценарија учествуваа во моделирање на правилни реакции во ситуации на онлајн притисоци и закани.
