Мартин Ѓорѓиев по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост: Прифаќањето на различноста не е слабост, туку сила!
Секретарот на Меѓуопштинското здружение на глуви и наглуви, Мартин Ѓорѓиев од Штип, по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, на својот Фејсбук профил истакна дека овој ден претставува потсетник за неопходноста од критичко преиспитување на општествените ставови и практики кон лицата со попреченост. Тој потенцира дека прифаќањето на различноста не е слабост, туку сила, и дека создавањето средина која ја почитува и активно ја поддржува целосната инклузија е обврска на целото општество.
Секретарот Ѓорѓиев посочи дека современите демократски општества се темелат на еднаквост, недискриминација и почитување на достоинството на секој поединец, додека лицата со попреченост често се соочуваат со структурни бариери, социјална невидливост и стигма. Според него, неопходни се системски решенија, пристапни јавни услуги, еднакви можности за образование и вработување, како и континуирано унапредување на политиките за заштита и поддршка.
Инаку, Мартин Ѓорѓиев повеќе од една деценија е активен во иницијативи за поддршка на лицата со попреченост, организира волонтерски активности и работи на подобрување на условите за глуви и наглуви лица. Неговата работа е насочена кон тоа да се надминат предрасудите и структурните пречки, создавајќи општество во кое сите граѓани имаат еднакви шанси за учество.
Фејсбук објавата на Ѓорѓиев во целост може да ја проследите на овој линк.
