Brif.mk: Разговор со Тонев, главен инженер за безбедност во „Булмак 2016“:Во рудник секој влез почнува со обука за безбедност
Првиот чекор во подземен рудник никогаш не е директно кон јамата. Првиот чекор е кон обуката, независно дали станува збор за млад практикант, студент на магистерски студии, нов вработен, инженер, надворешен изведувач или гостин кој само накратко ќе прошета низ погоните. Никој не влегува во Рудникот Злетово без да ги помине правилата за безбедност. Дејанче Тонев, Главен инженер за безбедност и заштита при работа во „Булмак 2016“ објаснува дека во рудникот обуката не е формалност за да се потпише лист хартија, туку процес секој посетител да се запознае со рудникот и како да се движи во него.
„Не е важно дали е еднодневна посета секој добива јасен брифинг за лежиштето Злетово, за движењето низ јамските простории, за личната заштитна опрема и основните ‘не смееш“, односно не допирај кабли, вентили, прекинувачи, слушај ги ознаките и водичот. За надворешните изведувачи и оние што ќе работат во рудникот, обуката е подетална – со конкретни процедури по работно место, правила за работа со механизација и јасно објаснети протоколи во случај на незгода“, објаснува Дејанче Тонев, Главен инженер за безбедност и заштита при работа во „Булмак 2016“ кого го запознавме за време на обука на млади практиканти во рудникот.

„Посебен фокус во нашето работење се младите. Редовно доаѓаат студенти и практиканти од средните училишта во Пробиштип – од машинската и од рударско-геолошката струка. Тие добиваат свои ментори, машински електро, рударски и геолошки инженери, кои ги водат низ реалните процеси од истражувања и откопување, до транспорт, флотација и одржување на механизацијата. Теоријата брзо се претвора во практика на кругот на рудникот, каде секој млад човек учи не само како се вади рудата, туку и како тоа да се прави безбедно, со почит кон правилата на рудникот и кон тимот. Се запознаваат со правилна употреба на личната заштитна опрема (ЛЗО) што задолжително им се доделува, правилата за движење низ јамските простории и однесувањето во близина на рударската механизација и инсталациите“, објаснува Тонев.
На просторот меѓу Кратово и Злетово во западните делови на Осоговскиот планински масив во северно источна Македонија, се наоѓа злетовското рудно наоѓалиште на подземниот рудник Злетово, кое денес работи со две извозни окна. Првото е наменето за транспорт на руда и одводнување и Окно 3 кое е наменето за транспорт на луѓе и материјали. Со Тонев разговаравме и за мерките што се преземаат за заштита на рударите во рудникот, каде оловно – цинкова руда се експлоатира подземно, како и во Флотацијата во Пробиштип, каде се добива оловниот и цинков концетрат.
„Во сите рудници безбедноста е на прво место. Секоја работа која е завршена на небезбеден или ризичен начин се смета дека е завршена неуспешно. Не смее да се кратат постапките или начинот на кој е опишано по упатството за таа работна операција. Пред почетокот на смената вработените прават примопредавање и од аспект на безбедност на тоа работилиште. Работоводителот или сменскиот инженер за производство во јама укажуваат ако постојат ризиците при извршување на работните задачи како и на што да обрнат посебно внимание од аспект на безбедност. Доколку се применуваат упатствата за работа од аспект на безбедност од збирката на упатства за секое работилиште, тогаш безбедноста при работењето е на многу високо ниво и повредите воопшто не се случувааат. Во нашата компанија цел ни е нула повреди при работењето“, потенцира Тонев.

