Новиот извештај на Европската агенција за животна средина алармира: Македонија e меѓу најзагадените земји во Европа

Дали Знаете, Живот, Македонија

Македонија се соочува со едни од највисоките нивоа на загаден воздух во Европа, што директно влијае врз здравјето и животниот век на граѓаните. Повеќе од 95% од урбаните жители во Европа во 2023 година дишеле воздух со концентрации на загадувачи над препораките на Светската здравствена организација (СЗО). Најновиот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за 2025 година открива дека, и покрај долгогодишните политики за намалување на емисиите, загадувањето на воздухот останува меѓу најголемите здравствени закани за европската популација. Македонија и овоj пат повторно се најде во групата земји со највисок релативен здравствен товар од PM2.5. Заедно со Босна и Херцеговина и Албанија, земјата има најголем број изгубени години живот (YLL) по 100.000 жители над 30 години поради изложеност на фини честички.

Иако Македонија има значително помалку апсолутни смртни случаи од големите земји како Германија или Италија, проблемот е дека секој жител статистички губи многу повеќе години живот. Тоа ја сместува државата во самиот европски врв според здравствени последици од загадениот воздух.

Најчести последици кај населението се: исхемична болест на срцето, мозочен удар, дијабетес, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), рак на белите дробови и високо ниво на астма кај децата.

Извештајот покажува дека во Македонија релативните загуби на здравје се далеку над европскиот просек, а изложеноста на PM2.5 е стабилно висока со години, главно поради урбаното греење со цврсти горива, сообраќајот и индустриските постројки.