Божиновска: Усогласување со ЕУ регулативите како клуч за безбеден пазар на возила
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска најави сериозна и сеопфатна реформа на системот за возила, со која започнува процесот на усогласување на националното законодавство со европската регулатива ЕУ 2018/858.
Таа истакна дека овој чекор требало да биде направен многу порано и дека државата конечно мора да воспостави ред, строг надзор и европски стандарди во сите сегменти – од увозот на возила, до контролата и надзорот врз нивната техничка исправност.
На состанокот со институциите што се вклучени во системот, Божиновска ги пренесе очекувањата за доследна и строга примена на законот, со забрзување на процесите и надминување на сите досегашни системски слабости. Надлежните служби добија конкретни насоки за унапредување на процедурите и зголемување на ефикасноста.
Целта на реформата, нагласи министерката, е воспоставување јасни правила, предвидливост во секоја фаза и создавање модерен, безбеден и транспарентен пазар на возила во целосна согласност со европските стандарди.
Процесот продолжува со специјализирана работилница на која ќе се финализираат техничките насоки и ќе се подготват конкретните измени на законската рамка.
„Ова не е само формално усогласување на законите – ова е воспоставување стабилен и функционален систем за возила кој ќе обезбеди безбедност, ред и транспарентност“, порача Божиновска.
