Министерството за енергетика го подигна надзорот на повисоко ниво со современа технологија

Македонија, Политика

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини воведува современ дигитален систем и специјализиран дрон за надзор и мониторинг на концесиите за минерални суровини, соларна енергија и ветерни инсталации.

Новата технологија овозможува прецизно следење на експлоатацијата на минералното богатство, како и проверка на точните координати и инфраструктурата на соларните панели и столбовите за мерење на ветерните паркови. На овој начин, Министерството ја зајакнува транспарентноста и одговорното користење на природните ресурси.

Новиот систем го зајакнува инспекцискиот надзор, им овозможува на инспекторите да вршат увид без секогаш да бидат физички присутни на терен. Дронот обезбедува побрза реакција, пократко време за контрола и непречено следење на активностите на терен, овозможува подетално следење на работата на концесионерите и значително го намалува ризикот од злоупотреби.

 

„Со воведувањето на дигиталниот систем и дронот, ја унапредуваме и зајакнуваме инспекциската контрола. Создадовме можност за современ и ефикасен надзор, кој овозможува концесиите да се користат одговорно и согласно законот“, истакна министерката Сања Божиновска.

Вработените во Министерството кои ќе управуваат со дронот поминаа специјализирана обука за негово користење и за правилна интерпретација на податоците добиени од далечинското набљудување. Ова обезбедува професионален, прецизен и современ надзор, усогласен со највисоките стандарди.

Користењето на дронови веќе е дел од стандардната практика во развиените земји, особено за мапирање, инспекциски надзор и мониторинг на енергетски и природни ресурси. Со оваа иновација, Министерството ја следи светската пракса и ја унапредува модернизацијата и ефикасноста во управувањето со ресурсите.

Министерството останува посветено на обезбедување високи стандарди на транспарентност и одговорно управување со природните ресурси, со цел одржлив економски развој.