Димитриеска-Кочоска: Секоја ставка во буџетот за 2026 е внимателно пресметана

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Буџетот за 2026 година е реален, развоен и темелно испланиран, со проектиран раст од 3,8% и буџетски дефицит од 3,5% од БДП, во согласност со политиките за фискална консолидација. Ова го изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување на МРТ.

Таа истакна дека секоја институција добила индивидуално проектиран буџет кој ги вклучува обврските евидентирани во системот на Министерството за финансии, но и приоритетите на Владата. Преку мерките за фискална консолидација и поголема контрола на расходите, очекува дека ќе продолжи позитивниот тренд на раст на БДП и дека јавниот долг ќе се намали.

Во текот на 2026 година ќе се обезбедат средства на домашниот и меѓународниот пазар за враќање на претходни обврски, вклучително и Еврообврзницата од 2020 година, додека новото задолжување ќе се однесува исклучиво на покривање на дефицитот. Според неа, јавниот долг ќе се спушти под 60% од БДП побрзо од предвиденото со Стратегијата за управување со јавен долг.

 

Министерката најави и раст на минималната плата, а потврди дека средствата за плати и пензии се планирани согласно законските решенија. Во Министерството за финансии, како што откри, веќе се работи на нова емисија на Граѓанска обврзница, која ќе биде објавена наскоро.