Орце за Скопје: Следува „ИСТОРИСКА ТРАНСФОРМАЦИЈА“ на градот

СКОПЈЕ

Скопје ја задржува титулата Европска престолнина на културата 2028 – следува „историска трансформација“ на градот

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, од Брисел соопшти дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година. Одлуката, како што нагласува тој, доаѓа по серија интензивни средби со европски претставници, меѓу кои и еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Глен Микалеф.

На средбата, на која присуствувале и министрите Тимчо Муцунски и Зоран Љутков, била претставена стратегијата на новиот градски тим за „рестарт“ на проектот кој, според градоначалникот, бил целосно блокиран и управуван спротивно на законските норми.

„Со гордост можам да кажам дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година. Како нов градоначалник ја отворам најважната страница за нашиот град – започнуваме историска трансформација што ќе нè подготви конечно да ја носиме оваа титула со достоинство“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој најави дека градот влегува во нова фаза на европски стандарди, транспарентно управување и силна меѓуинституционална соработка.

Во рамки на подготовките за 2028 година, Град Скопје планира и серија големи инфраструктурни зафати, меѓу кои: реконструкција и активирање на локалитетите Скопско Кале, Аквадуктот и Скупи, обновување на Младинскиот културен центар, изградба на нов Европски центар за култура, зелени магистрали, нови паркови и современи јавни простори. Проекцијата на вкупната инвестиција надминува 55 милиони евра.

Паралелно, се подготвува и Договор за локална соработка и интеграција – прв документ од овој ранг во историјата на градот – кој ќе ги обедини сите 10 општини, јавните институции, универзитетите, училиштата, културните установи, невладиниот сектор и граѓаните.

„Ова е визија за модерно, отворено и европско Скопје. 2028 е момент кога нашиот град конечно ќе стане јасно присутен на европската и светската културна мапа“, порача градоначалникот.

Со оваа потврда од Брисел, Скопје го задржува статусот на Европска престолнина на културата и добива можност да ја реализира најамбициозната културна и урбана трансформација во својата понова историја.