Откриени деталите за новогодишното украсување на Скопје за 2026

Дали Знаете, СКОПЈЕ

Градот Скопје ги презентираше плановите за изгледот на метрополата за пречекот на Новата 2026 година. Според техничката спецификација за јавната набавка, централното подрачје ќе добие нов празничен амбиент со масивни светлосни инсталации, интерактивни 3Д фигури и препознатливото „ѕвездено небо“, а украсувањето ќе се прошири и по главните градски сообраќајници.

Проектот предвидува избор на економски оператор способен да реализира обемен и технички сложен концепт, кој ги опфаќа централната елка, светлосни сводови и декорации на клучните булевари.

Плоштад „Македонија“: 13-метарска елка и големи светлечки инсталации
На главниот плоштад е планирана новогодишна елка висока најмалку 13 метри, со метална конструкција, вештачко зеленило и светлечки украси со бели блицеви. Плоштадот ќе биде збогатен и со неколку големи празнични инсталации погодни за фотографирање, меѓу кои:

3Д мече со димензии 4х4 метри, обложено со герланди и ЛЕД осветлување

три светлечки подароци со висина до 4 метри

метална рамка во форма на Дедо Мраз висока 5 метри

алуминиумски 3Д ѕвезди високи 3 и 4 метри

„ѕвездено небо“ од ЛЕД мразулци, поставено на површина од најмалку 800 квадратни метри

Празнична декорација по улиците и булеварите
Украсувањето ќе опфати повеќе сообраќајници во централниот дел на градот. Планирани се светлосни фигури на бандери, висечки елементи и ЛЕД ефекти на следните локации:

Ул. „Даме Груев“ – 30 светлосни фигури

Ул. „Димитрија Чуповски“ – 20 фигури на бандери и 20 висечки елементи

Ул. „11 Октомври“ – висечки елементи и 100 ЛЕД „snowfall“ капки

Бул. „ВМРО“ – 24 фигури

Ул. „Филип Втори“ – 30 фигури

Бул. „Гоце Делчев“ – 40 фигури

Просторот пред Владата – 40 фигури

Бул. „Партизански одреди“ – 12 фигури

Строги услови за избор на изведувач
За да се квалификува, економскиот оператор мора во последните три години да има реализирано најмалку три договори од сличен тип, со вкупна вредност од најмалку 10 милиони денари со ДДВ. Дополнително, барем еден договор треба да биде вреден најмалку 3,5 милиони денари, што укажува дека проектот ќе го изведува фирма со значително искуство и капацитет.