Проданоски: Со новите игралишта вложуваме во здравјето и младите
Целосно реконструираното спортско катче во прилепската населба Точила денес беше свечено пуштено во употреба, во присуство на градоначалникот Дејан Проданоски и министерот за спорт Борко Ристовски. Проектот опфаќа модернизирани игралишта за фудбал, кошарка и одбојка, како и нови фитнес реквизити наменети за сите жители на општината.
Според Проданоски, реконструкцијата е завршена за само еден месец, што го прави овој проект пример за брза и ефикасна реализација. „Ветено – реализирано“, порача тој, нагласувајќи дека обновените спортски содржини веднаш се ставаат во функција на граѓаните.
Проектот е реализиран од Министерството за спорт, а Проданоски се заблагодари на министерот Ристовски за поддршката и заедничките напори во подобрување на локалната инфраструктура.
Обновените спортски површини треба да понудат повеќе можности за спорт, рекреација и здрав начин на живот, особено за младите, кои – како што истакна градоначалникот – треба да бидат мотивирани да изберат активен развој наместо негативни навики.
Проданоски најави продолжување со нови проекти насочени кон поуспешна и поздрава Општина Прилеп.




