„Марш за ангелите“ денеска во Скопје
Маршот се одржува четири дена пред почетокот на судењето за случајот
Родителите за загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ за денеска најавија дека протестниот „Марш на ангелите“, наместо во Кочани ќе го одржат во Скопје.
Почетокот на маршот е закажан за 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, од каде што ќе продолжи кон Собранието и пред Основниот кривичен суд Скопје.
Пред Собранието и Судот се најавени говори и обраќања, а две централни изјави ќе бидат дадени на самиот почеток на протестот.
При најавата за маршот, неколкумина од родителите на загинатите во пожарот порачаа дека болката е нивна, но борбата мора да биде заедничка.
„Нашите деца умреа на 16 март. Шеесет и три деца кои никогаш повеќе нема да ги видиме. Не бараме од вас милост, бараме да ни се придружите во борбата за правда, затоа што нашите деца го заслужуваат тоа. Маршираме за вистината. Болката е наша, но борбата е за сите нас. Ни треба ваша поддршка“, порачаа родителите во видеопорака.
Настанот е во организација на Здружението на граѓани „16 Март 2025“ од Кочани и иницијативата „Кој е следен“, која се формираше непосредно по пожарот во Кочани.
Денешниот марш се одржува четири дена пред почетокот на судењето за случајот.




